Приватност на интернет...

Internet Security

Приватност и безбедност на Интернет

Во време на современите технологии секој може користејќи различни сервиси на Интернет да постави содржини кои можат да бидат добронамерни и точни или злонамерни и неточни. Она што ги карактеризира овие мрежи е ширење на информации, но и дезинформации со огромна брзина. Корисниците мора да бидат свесни дека покрај корисни информации постојат измами, лаги и различни форми на манипулации. Ако информациите не се проверуваат лесно може да се случи некои корисници да бидат изманипулирани и измамени. Измамените корисници можат да загубат материјални и морални вредности.
Преку сервисите на Интернет се пренесуваат лични податоци, се водат доверливи деловни и приватни разговори, се пренесуваат воени и државни информации, се реализираат финансиски трансакции и сл. Секогаш постои опасност овие информации да ги види некој кој може да ги злоупотреби. На корисниците може да им биде загрозена приватноста и репутацијата, да бидат украдени пари од банковни сметки, онеспособен компјутерот, да им биде загрозена безбедноста.

Компјутерскиот криминал

Сѐ повеќе е во подем. Злонамерните поединци, организираните хакерски групи, па и компјутерските криминалци можат да: “заразат“ компјутер со злонамерен софтвер за да украдат идентитет или да ги следат навиките на корисниците, да украдат лозинки за пристап до банковни сметки, да преземаат контрола врз компјутер и да го користат за напад на други корисници, да ги наведат корисниците да посетат некоја лажна веб-локација и таму да остават лични податоци, да украдат и да користат туѓи налози за електронска пошта.

Мерки на заштита

За да се спречи злоупотреба на податоци и да се обезбеди нивна заштита на Интернет, неопходно е да се применат соодветни мерки на заштита. Постојат и правни мерки на заштита (Закон за заштита на лични податоци), но компјутерскиот криминал многу тешко се откриваше и докажуваше во изминатиот период, но веќе не е така! Мерките кои треба да се преземат за да се заштитат податоците (лични и деловни) се: секогаш користење на заштитен софтвер (антивируси и огнениот ѕид (Fire wall), ажурирање на оперативниот систем, блокирање на несакана е-пошта (spam) и користење на нови верзии на интернет прелистувачи, редовно правење на резервни копии (back-up).

Купување преку Интернет

Онлајн пазарот и банкарството се сигурни и безбедни ако се придржувате на некои едноставни препораки и ги почитувате протоколите (правилата) на интернет комуникација. Ако купувате преку Интернет треба да сте сигурни дека се работи за доверлива фирма - дали фирмата навистина постои, дали веб-локацијата е безбедна (во URL адресата протоколот е означен со https:// и дали постои ознака на сигурносен катанец (padlock image)), дали постојат јасни правила во врска со приватноста и враќањето на производите, научете да препознаете лажни веб-локации и реклами кои можат да доведат до тоа да бидете измамени. Се ветуваат големи награди (добивка на лотарија, наследство, се донираат високи суми на пари), се остава лажен впечаток за итноста, се бара плаќање однапред или давање на лични податоци.

Внимавајте! Содржините кои бесплатно можат да се преземаат од Интернет најчесто се заразени со некој вид на злонамерен софтвер (вирус). Никогаш не отворајте прилози во електронска пошта која доаѓа од непознати лица, но внимавајте и со прилози во пораки од познати лица бидејќи некогаш пораките се пратени без нивното знаење или ни сами не знаат што се наоѓа во прилог на нивната порака. Постојат многу веб-локации кои бараат регистрација. На таквите веб-локации се собираат податоци за сите корисници на нивните услуги кои подоцна можат да се користат за праќање на рекламни пораки. Но тие сервери можат да бидат нападнати од страна на хакери кои податоците можат да ги злоупотребат